ЕУ членките утре ќе одлучуваат за европски одговор на американските царини за челик и алуминиум

Државите членки на Европската Унија утре треба да се произнесат за предлогот на Европската комисија за возвраќачки мерки на ЕУ на давачките за челик и алуминиум воведени од страна на Владата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денес гласноговорникот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини, Олоф Гил.

“Ако ни дадат мандатот за тие контрамерки, очекувам да бидат објавени на почетокот на следната недела”, истакна Гил.

Тој соопшти дека како втора фаза на европскиот одговор, Европската комисија идната седмица ќе презентира и план за одговор на американските давачки на автомобилите и противмерките воведени од САД.

“Тоа ќе оди на истиот начин како што направивме и со челикот и алуминиумот. Прво го објаснивме патоказот, потоа ги консултиравме земјите членки и се консултиравме со индустријата пред да излеземе со конечните мерки, што потоа им ги предлагаме на земјите членки за усвојување”, додаде Гил.

Според него, можеби оваа процедура е “малку збунувачка”, но Еврокомисијата работи според правила, кои понекогаш се прилично бирократски структурирани, но тоа е начинот на кој функционира ЕУ.

Фото:Pixabay