Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ постигнаа договор за новата директива за хипотекарни кредити, во која се вклучени појасни правила при одобрување на заеми и подобра процена на кредитната способност на корисникот.
Во компромисот е вклучена и подобра заштита од курсниот ризик за оние должници што подигнале кредит во странска валута. Договорено е и решение за предвремено отплаќање на кредитот, а со новите правила им се забранува на експертите што вршат проценка на кредитната способност да бидат платени според бројот на одобрени кредити, што доведе до неодговорно задолжување. Директивата предвидува единствен и стандардизиран сет информации кои на корисниците ќе им овозможат полесно да ја пронајдат најдобрата понуда за себе.
“Директивата ќе помогне да се стави крај на преземањето преголем ризик и да се засили одговорноста кај кредитирањето. Потрошувачите ќе добијат заштита каква што заслужуваат, ќе бидат подобро информирани и ќе можат да изберат хипотекарен кредит што најдобро ќе ги задоволува нивните потреби, по најдобра цена. Потрошувачите ќе бидат потполно запознаени со ризикот што го преземаат”, изјави еврокомесарот за финансиски услуги, Мишел Барни.
Договорот сега треба да биде потврден на Советот на ЕУ и на пленарната седница на Европскиот парламент за да стапи на сила кон средината на 2015 година.