ЕУ е поделена околу предлогот да се оданочуваат технолошките компании

Повеќето членки на Европската унија засега го отфрлаат предлогот на големите европски телекомуникациски компании за воведување специјален данок за технолошките гиганти како Гугл, Фејсбук или Нетфликс, кои би ги финансирале инвестициите во инфраструктурата, особено во 5Г мрежата.

Министрите за телекомуникации од 18 земји на состанокот со комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон или го отфрлија предлогот за воведување посебен данок за технолошките компании или побараа да се направат студии за потребата од воведување на данокот, како и за неговите можни ефекти, пренесе Мина.

Долго време големите европски компании Дојче Телеком, Оранж, Телефоника или Телеком Италија се обидуваат да ги принудат технолошките компании, пред сè  од САД (Алфабет, Мета, Амазон, Нетфликс) и други да ги споделат трошоците за изградба на телекомуникациска инфраструктура, тврдејќи дека протокот на податоци кон нив прави голем дел од интернет сообраќајот.

Од друга страна, технолошките компании тврдат дека веќе инвестираат во дигиталниот екосистем и ја отфрлаат идејата за давачка.

Европските министри за телекомуникации, покрај барањето за проучување на ефектите од таквиот данок, стравуваат и од намалување на инвестициите на технолошките компании, како и дека тие може да ја префрлат давачката на потрошувачите. Тие предупредија и на можно прекршување на правилото за „интернет неутралност“, кое бара секој интернет корисник да биде подеднакво третиран.

Претставниците на Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Финска, Германија, Ирска, Литванија, Малта и Холандија се спротивставија на воведувањето данок за технолошките компании.

Од друга страна, меѓу земјите кои ја поддржаа идејата беа Франција, Грција, Унгарија, Италија, Шпанија и Кипар. Полска, Романија и Португалија беа неутрални.

Бретон до крајот на јуни треба да подготви извештај со ставовите на телекомуникациите, големите технолошки компании и други, што треба да помогне во донесувањето на одлуката.