ЕУ е подготвена да купи повеќе американски гас 

Европската унија (ЕУ) е подготвена да се обврзе да купи поголеми количества течен природен гас (ЛНГ) од Соединетите Американски Држави (САД), доколку тоа би му угодило на претседателот Доналд Трамп и го принуди да размисли за укинување на царините за увозот од ЕУ, изјави европскиот комесар за енергетика Ден Јоргенсен.

– Имаме потенцијал да купиме повеќе ЛНГ од САД, но секако, тоа мора да биде под услови кои се во согласност со нашата зелена транзиција – изјави Ден Јоргенсен, пренесе Фајненшл тајмс, а пренесува веб-страницата Оилпрајс.

Комесарот, исто така, посочи дека ЕУ планира да инсталира рекордна количина нови ветерни електрани и соларни панели оваа година, бидејќи инвестира во овие два вида енергија со цел да ги намали сметките за енергија.

Уште во јануари, кога претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата, тој почна да ја повикува Европската унија да го зголеми купувањето на сурова нафта и течен природен гас од САД, доколку сака да избегне царини за сите увозни производи.

– Единствено што можат брзо да направат е да ја купат нашата нафта и гас – изјави тогаш Трамп за медиумите. – Ќе го решиме со царина, или ќе треба да ни купат нафта и гас.

Оваа недела Трамп побара од ЕУ да се обврзе да купи дополнителни 350 милијарди американски долари течен природен гас (ЛНГ) за да го избрише својот трговски суфицит со Соединетите држави.

– Имаме дефицит со Европската унија од 350 милијарди долари и тој брзо ќе исчезне – рекол Трамп, а пренесува Политико. – Еден од начините тој дефицит да исчезне лесно и брзо е да мора да ни ја купат енергијата… можат да ја купат, ние да ги тргнеме тие 350 милијарди за една недела. Тие треба да купат и да се обврзат да купат слична количина на енергија.

Околу 350 милијарди американски долари ЛНГ приближно одговара на количината од околу 40 милиони тони ова ултра ладено гориво.

Според податоците на статистичката агенција на ЕУ, Евростат, вкупниот увоз на ЛНГ во ЕУ минатата година изнесувал околу 75 милиони тони.

Фото: Pixabay