ЕУ е во „конструктивни разговори“ со Германија за прекин на продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување

26

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ и Германија се во „конструктивни разговори“ за ставање крај на продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување во Унијата до 2035 година, јави ДПА.

По неколкумесечни преговори, конечната одлука на ЕУ за забраната се очекуваше во наредните недели, но беше одложена во петокот по приговорите од Германија, која е голема сила во автомобилската индустрија.

Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг рече дека Берлин во оваа фаза не може да се согласи со таква целосна забрана за мотори со внатрешно согорување.

Тој додаде дека Европската комисија треба да поднесе предлог за тоа како моторите со внатрешно согорување кои работат на климатски неутрални синтетички горива, познати како е-горива, би можеле да се користат по 2035 година.

Фон дер Лејен рече дека во принцип е отворен патот за нови автомобилски технологии, „но тоа во секој случај мора да биде избалансирано со целите на нашата климатска политика“.

– И ние треба да го постигнеме токму тој баланс. Сè уште работиме на тоа, изјави таа за медиумите во палатата Мезеберг во Источна Германија.

Таа беше гостин на дводневниот затворен состанок на германската влада во палатата, на кој се разговараше за главните прашања како енергетската транзиција на Германија и последиците од војната во Украина.

Висинг е член на деловно ориентираната Слободна демократска партија, најмалиот од трите коалициски партнери во германската владејачка коалиција, која ги вклучува и Социјалдемократите и Зелените.

Други членови на кабинетот на канцеларот Олаф Шолц, како што е министерката за животна средина Штефи Лемке од Зелените, сакаат Германија да ја поддржи забраната за мотори со внатрешно согорување.

Синтетичките горива за кои зборува Висинг се направени од комбинација на водород и јаглерод диоксид што може да се извлече од атмосферата.

Овие горива се сметаат за климатски неутрални доколку енергијата потребна за нивно производство се произведува од обновливи извори. Сепак, степенот до кој големата употреба на синтетички горива е корисна или практично изводлива е предмет на несогласувања. Според нивните поддржувачи, тие се алтернатива за заштита на климата на фосилните горива. Сепак, нивните критичари велат дека синтетичките горива треба да се користат само во неизбежни случаи во воздушниот и поморскиот транспорт, додека нивното користење во голем број возила би било губење зелена енергија.

Плановите за намалување на емисиите на јаглерод од новите автомобили за 100 отсто до 2035 година, ефективно забранувајќи ги моторите со внатрешно согорување, се дел од поголемиот пакет за справување со климатските промени.

ЕУ сака да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година и да постигне климатска неутралност до 2050 година.