ЕУ ги менува возачките дозволи, се воведува категорија Б плус?

Европскиот комитет за транспорт и туризам расправа за нацрт-предлог со кој земјите-членки сакаат да ги променат правилата за полагање на возачки испит и издавање возачки дозволи. Истиот го презентираше известувачот на оваа комисија во Европскиот парламент, Карима Дели, а овој предлог крена голема прашина во јавноста, пренесува Бизнис.рс.

Како што пренесуваат медиумите, новите правила најмногу би ги погодиле постарите возачи и почетниците. Имено, возачите постари од 60 години треба да ја обновуваат возачката дозвола на секои седум години, постари од 70 на пет години, додека оние над 80 години би морале да поминуваат одредени проверки на секои две години. Пред продолжување на дозволата за управување со моторно возило, најстарите возачи би требало да закажат лекарски преглед, да ги исполнат условите и да го освежат своето знаење посетувајќи краток курс.

Промените би влијаеле на возачите на поголеми автомобили бидејќи намерата е да се воведе дополнителна категорија Б плус за автомобили со тежина поголема од 1,8 тони, како што се комбиња, пик-ап и теренци, кои се смета дека повеќе учествуваат во судири отколку лесни приватни возила.

Бидејќи во ЕУ се пуштаат во сообраќај поголеми и потешки автомобили, дозволата од Б категорија повеќе не им одговара“, се наведува во соопштението.

Возачите на вакви автомобили во тој случај би морале да добијат нови дозволи, а за оваа категорија би можеле да се пријават само лица над 21 година. И во ЕУ имаат намера да воведат построги правила за ноќно возење. Кога станува збор за новите возачи, известувачот повика на посебни мерки за ограничување на брзината и ги охрабрува земјите-членки да воведат построги правила за младите возачи, на пример за ноќно возење, помеѓу полноќ и 6 часот наутро или предупредувања кои вклучуваат казнени поени или губење на поени по дозволата.

Целта на измената на директивата е да се намали бројот на смртни случаи во сообраќајни несреќи од 20.000, колку што имаше на патиштата на Европската унија минатата година, со намера до 2050 година да се сведе на нула смртните случаи во сообраќајот. Гласањето за овој предлог во Европскиот парламент е планирано за крајот на 2023 година.

Фото: Pixabay