ЕУ го оцени ограничувањето на Словачка за продажба на дизел како нелегално

Одлуката на словачката влада да им дозволи на бензинските пумпи да ја ограничат продажбата на дизел, како и да им наплаќаат повеќе за него на возачите со странски регистарски таблички, е спротивна на законите на ЕУ, изјави  портпаролот на Европската комисија, Рикардо Кардозо.

Тој рече дека Комисијата е запознаена со одлуката на словачката влада да ја ограничи продажбата на дизел во период од 30 дена, како и со воведувањето различни цени за домашните и странските потрошувачи.

Словачката влада минатата недела усвои резолуција со која им се дозволува на бензинските пумпи да ја ограничат продажбата на дизел и да наплаќаат повеќе за оние со странски регистрации.

„Сметаме дека мерката е исклучително дискриминаторска и спротивна на законите на ЕУ и, иако ја разбираме потребата да ги поддржиме граѓаните, особено во ова време, мерките не смеат да дискриминираат според националноста, ниту да го поткопуваат интегритетот на нашиот единствен пазар“, рече Кардозо, додавајќи дека Брисел ќе преземе соодветни законски мерки за да се осигури дека ова се почитува.

Според одлуката на словачката влада, пумпите можат да ја ограничат продажбата на дизел на полн резервоар и уште десет литри.

Извозот е исто така ограничен, а цените на дизелот за автомобили со странски таблички може да се утврдат врз основа на просечните цени во соседните земји: Чешка, Австрија и Полска.

Мерката ќе биде во сила 30 дена и не се однесува на бензинот.

Доставувањето гориво беше ограничено од друга членка на ЕУ – Словенија, на 50 литри за физички лица и 200 литри за правни лица по проблем со снабдувањето.