ЕУ го осуди незаконското присвојување на украинското земјоделско производство од страна на Русија

20

Лидерите на Европската унија остро го осудија „уништувањето и незаконското присвојување“ на украинското земјоделско производство од страна на Русија и предупредија дека „руската агресивна војна“ има директно влијание врз глобалниот пазар на храна.

„Европскиот совет ја повикува Русија да ги прекине нападите врз транспортната инфраструктура на Украина, да ја укине блокадата на украинските пристаништа на Црното Море и да дозволи извоз на храна, особено од Одеса. Европската унија презема активни мерки за да го олесни украинскиот земјоделски извоз и да го поддржи земјоделскиот сектор на Украина оваа година и да овозможи извоз на храна од Украина преку различни копнени патишта и пристаништа на ЕУ“, заклучи Европскиот совет.

Лидерите на Унијата укажаа и на меѓународната координација за глобален одговор на безбедноста на храната и ја истакнаа важноста од слободната трговија, солидарноста и зголеменото локално земјоделско производство со цел да се ублажат последиците врз цените, производството, пристапот и понудата на житни култури.

Беше повторена поддршката на ЕУ за одржување на глобалната трговија без неоправдани бариери, но и за зајакнување на солидарноста со најзагрозените земји и за таа цел беше најавена мобилизација на средства од Европскиот фонд за развој.

Во однос на моменталниот недостиг на ѓубрива на глобалниот пазар, Европскиот совет повикува на поефикасна употреба и употреба на алтернативни средства.