ЕУ го усвои 12-тиот пакет економски и индивидуални санкции против Русија

15

Европската унија  го усвои 12-тиот пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки против Русија поради војната во Украина, соопшти Советот на ЕУ.
Како што се наведува во соопштението, овие мерки нанесуваат дополнителен удар врз способноста на рускиот претседател Владимир Путин да води војна во Украина, бидејќи тие се насочени кон сектори со висока вредност на руската економија и го отежнуваат заобиколувањето на санкциите на ЕУ.

Новиот пакет вклучува мерки за ограничување на увозот, купувањето или трансферот на руски дијаманти, нови ограничувања и контроли на увозот и извозот, а покрај економските санкции, Советот на ЕУ одлучи да стави „значителен број“ физички и правни лица на листата.

Со одлуката се додава Швајцарија на листата на земји-партнери кои применуваат сет рестриктивни мерки за увоз на железо и челик од Русија, како и збир на мерки за контрола на увозот кои во суштина се еквивалентни на мерките на ЕУ.

„Со овој 12-ти пакет, предлагаме силен сет на нови списоци и економски мерки кои дополнително ќе ја ослабат руската воена машина“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борел.

Тој рече дека пораката на ЕУ е јасна, а тоа е дека таа останува цврста во својата посветеност на Украина и ќе продолжи да ја поддржува нејзината борба за слобода и суверенитет.

Според новите мерки, ЕУ воведува забрана за директен или индиректен увоз, купување или пренос на дијаманти од Русија.

Забраната на руските дијаманти е дел од напорите на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) да развие меѓународно координирана забрана за дијаманти, чија цел е да ја лиши Русија од овој важен извор на приход.

Одлуката на ЕУ бара од извозниците на ЕУ договорно да забранат повторен извоз во Русија и реекспорт за употреба во Русија на особено чувствителни стоки и технологија, кога продаваат, снабдуваат, пренесуваат или извезуваат во трета земја, со исклучок на земјите партнери.

Советот на ЕУ додаде 29 нови ентитети на списокот на оние кои директно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс во неговата војна против Украина.

Тие ќе бидат предмет на построги извозни ограничувања на стоки и технологија со двојна употреба, како и на стоки и технологија што би можеле да придонесат за технолошки напредок на рускиот одбранбен и безбедносен сектор.

Некои од овие 29 ентитети припаѓаат на трети земји кои наводно се вклучени во заобиколувањето на трговските ограничувања или претставуваат руски субјекти вклучени во развојот, производството и снабдувањето со електронски компоненти за рускиот воен и индустриски комплекс.

Се воведуваат ограничувања на увозот на стоки кои носат значителен приход во Русија, како и нова забрана за увоз на течен нафтен гас со преоден рок од 12 месеци.

Проширена е и листата на забранети предмети кои би можеле да придонесат за технолошко подобрување на одбранбениот и безбедносниот сектор на Русија.

Советот на ЕУ, исто така, воведе некои исклучоци за увозни ограничувања поврзани со предмети за лична употреба.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на социјалната мрежа Икс (Твитер) го поздрави „политичкиот договор за 12-тиот пакет санкции“ и порача дека ЕУ продолжува да стои до Украина.