
Европската Унија (ЕУ) и Индонезија потпишаа договори за трговија и заштита на инвестициите, со кои ќе се елиминираат 98,5 проценти од царинските давачки за стоки од ЕУ, по речиси десет години преговори, објави Европската комисија (ЕК).
Договорот ќе отвори нови можности за компаниите од двете страни, а се очекува извозот од ЕУ во Индонезија да се зголеми за речиси 40 проценти во следните 15 години.
Европската комисија изјави дека договорот ќе им овозможи на европските извозници да заштедат повеќе од 600 милиони евра годишно од царински давачки.
Најголемите придобивки се очекуваат во секторите за производство на машини и моторни возила, додека договорот треба да отвори и нови можности за европски инвестиции во Индонезија, особено во областите на електрични возила, електроника и фармацевтска индустрија.
За да стапи во сила договорот, потребно е да го одобри Европскиот парламент, додека Индонезија ќе спроведе и сопствена постапка за ратификација.
Доколку се исполнат сите услови, договорите би можеле да почнат да се спроведуваат на почетокот на следната година.
Трговијата меѓу Европската Унија и Индонезија достигна 28,9 милијарди евра во 2025 година, при што извозот од ЕУ изнесуваше 10,2 милијарди евра, а увозот од Индонезија 18,7 милијарди евра.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред потпишувањето оцени дека ова е „историски ден“ за ЕУ и Индонезија.
„Ова е еден од најамбициозните договори склучени од Европската Унија во Азија. Тој ја поврзува нашата Унија од 450 милиони жители со најголемата економија во Југоисточна Азија и четвртата најнаселена земја во светот“, рече фон дер Лајен.
Таа истакна дека договорот ќе ги отстрани царините за речиси целата меѓусебна трговија и ќе отвори нови можности за европските и индонезиските компании, земјоделците и работниците, особено за малите бизниси.
Според неа, договорот ќе им обезбеди на бизнисмените предвидливост, јасни правила, отворени пазари и стабилна рамка за трговија и инвестиции во наредните години.
Фон дер Лајен додаде дека ЕУ и Индонезија делат визија за одржлив економски раст, отпорни синџири на снабдување и транзиција кон чиста економија.
Таа му се заблагодари на индонезискиот претседател Прабов Субиант за неговиот политички ангажман и стратешка одлука за подобрување на партнерството со ЕУ, најавувајќи дека ќе го угости во Брисел на 11 декември, по што ќе патуваат заедно во Мајами за самитот на Г20.
Претседателката на Европската комисија изјави дека 2026 година е значајна за трговската политика на ЕУ, која ја проширува мрежата на договори за слободна трговија, со вкупно 45 договори со 80 партнери.
Како што изјави таа, оваа година ЕУ потпиша договори со Индонезија и Меркосур, се приближи до склучување договор со Индија, ги заврши преговорите со Австралија, го модернизираше договорот со Мексико и постигна политички договор со Филипините.
Фон дер Лајен заклучи дека новиот договор ќе ги поврзе најголемиот единствен пазар во светот и најголемата економија во Југоисточна Азија, создавајќи заеднички пазар од околу 730 милиони луѓе, со очекување дека тоа ќе придонесе за економски раст и создавање нови работни места во двете економии.













