
Европската комисија во вторникот отвори длабинска истрага за купувањето на уделот на Луфтханза во италијанската авиокомпанија ИТА Ервејс, изразувајќи загриженост дека може да ја ограничи конкуренцијата на летовите кон централна Европа.
Прелиминарната истрага покажа дека трансакцијата може да ја ограничи конкуренцијата на некои линии, објави Комисијата во образложението на одлуката.
Другите авиокомпании имаат само ограничена конкуренција на Луфтханза на директни, постојани воздушни линии до централноевропските дестинации, забележа Брисел.
Тие предупредија и за можно ограничување на конкуренцијата на линиите што ја поврзуваат Италија со САД, Канада, Јапонија и Индија.
ИТА Ервејс е основана во 2020 година по реструктуирањето на неуспешниот авиопревозник Алиталија, кој беше преземен од италијанската влада по серија неуспешни понуди за преземање.
Во мај минатата година, групацијата Луфтханза постигна договор со италијанската држава за стекнување на малцински, 41 отсто од акциите во ИТА Ервејс по неколкумесечни преговори.
Според договорот, Луфтханза може да купи уште 49 отсто од акциите на италијанската авиокомпанија од 2025 година, под одредени услови, а останатите 10 отсто подоцна.
Заедно со ЕК, договорот меѓу германските и италијанските превозници го проучуваат и агенциите за заштита на конкуренцијата од матичните земји.
Луфтханза му понуди отстапки на Брисел, но тие не се доволно обемни за да се отстранат стравувањата за слабеење на пазарната конкуренција, се вели во соопштението на ЕК.
„Со отворањето на темелна истрага, сакаме да ја продлабочиме анализата на трансакцијата и да гарантираме дека купувањето нема да ја ограничи конкуренцијата на летови на кратки и долги дестинации“, рече еврокомесарката Маргрете Вестагер во соопштението за печатот.











