ЕУ ја призна можноста за ценовна криза на храната

Европската унија сериозно ја разгледува можноста за криза со храната во Европа како последица на настаните во Украина, а Европската комисија (ЕК) подготвува посебен извештај за ова прашање, кој се очекува следната недела.

„Се соочуваме со нов предизвик во агроиндустрискиот сектор, ја следиме ситуацијата и нејзините последици за нашите земјоделци и за безбедноста на храната во светот поради фактот што Украина и Русија се главни снабдувачи на храна што се извезува во големи количини“, изјавила вчера на брифинг во Брисел портпаролката на Европската комисија, Миријам Гарсија Ферер, цитирана од finmarket.ru.

Според неа, „во оваа фаза нема закана за безбедноста на храната во Унијата, бидејќи ние сме главен производител на жито“.

„Но, ќе има последици по цените поради нарушената трговија“, предупреди портпаролката.

Според неа, на краток рок, еден од главните предизвици е „поскапувањето на сродните производи, особено на вештачките ѓубрива, со последици за потрошувачите“.

„На среден рок ќе се фокусираме на сигурен и одржлив земјоделско-прехранбен систем“, рече портпаролот на ЕК.

„Имаше дискусии на министрите за земјоделство на ЕУ, имаше дискусии на шефови на држави и влади на ЕУ на самитот во Версај, на кој беше истакната потребата од подобрување на безбедноста на храната, а ние размислуваме за средствата за да се справиме со сите овие предизвици“, објасни Гарсија Ферер.