Европската унија ја казни данската фармацевтска компанија Лундбек и уште осум други произведувачи со 146 милиони евра, затоа што го одложувале пуштањето во промет на евтини лекови против депресија. Еврокомесарот за заштита на пазарна конкуренција, Хоакин Алмуња изјави дека само Лундбек е казнет со 93,8 милиони евра поради кршење на правилата за конкуренција. Како што јавува Ројтерс, Лундбек е обвинет дека им плаќал на другите компании да го одложат пласирањето на генеричката верзија на антидепресивот Citalopram на пазарот.
“Договорите од ваков тип директно им штетат на пациентите и на националните здравствени системи, кои се веќе под строги буџетски ограничувања. Комисијата нема да толерира такви антиконкурентни практики”, изјави Алмуња.
Компанијата Лундбек најави дека ќе поднесе жалба на оваа одлука.