ЕУ ќе организира донаторска конференција за Сирија и Турција во март

62

Европската унија на почетокот на март ќе организира донаторска конференција на која ќе собере меѓународни средства за помош на Турција и Сирија, погодени од катастрофалниот земјотрес, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Водиме трка со времето за заедно да спасиме животи (…) Турција и Сирија можат да сметаат на ЕУ“, напиша европскиот лидер на Твитер.

Шведскиот премиер и Фон дер Лајен ќе бидат домаќини на донаторската конференција во Брисел.

„Шведскиот премиер Улф Кристерсон (чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ) и јас ќе бидеме домаќини на донаторска конференција на почетокот на март во Брисел. Ајде да собереме средства на меѓународно ниво за погоденото население“, повика Фон дер Лејен.

„Никој не треба да остане настрана кога ваква трагедија ќе ја снајде нацијата“, изјави таа во соопштението за медиумите. Конференцијата, која е организирана во соработка со турските власти, „ќе биде отворена за земјите-членки на ЕУ, соседните земји, членки на ОН“ и финансиските институции, според Комисијата.

Европската унија и испрати прва помош на Турција неколку часа по земјотресот во понеделникот на нејзино барање.

Но, во почетокот испрати само минимална помош за Сирија преку постоечките хуманитарни програми, поради меѓународните санкции наметнати на режимот во Дамаск, кои се во сила од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.

Сириската влада денеска официјално побара помош од ЕУ преку механизмот за цивилна заштита што ја координира европската помош, а Комисијата ги повика земјите-членки да одговорат потврдно на тоа барање, изјави утринава комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Во рамките на механизмот за цивилна заштита, дваесет земји од ЕУ и Албанија, Црна Гора и Србија објавија дека во Турција испраќаат вкупно 1.500 спасувачи и сто кучиња трагачи.

Фото: pixabay