
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил изјави во четвртокот дека Европската унија мора да се обедини пред американските царини и дека е подготвена да дејствува доколку преговорите со Вашингтон не дадат резултати.
„Мораме единствено и решително да одговориме на американските царини“, изјави Клингбеил пред германскиот парламент.
„Очекуваме дека преговорите ќе доведат до добар резултат, но исто така би сакал јасно да нагласам дека сме подготвени да дејствуваме доколку тие не успеат“, рече тој.
Од друга страна, полскиот министер за трговија, Михал Барановски, пред состаноците на европските министри за трговија, изјави дека Европа може да постигне подобар трговски договор со САД од оние што САД досега ги склучиле со другите.
Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ изјави дека ЕУ и САД одлучиле да ги интензивираат разговорите за можен трговски договор, пренесува Хина.
„Вчера имав уште еден конструктивен разговор со американскиот министер за трговија Хауард Лутник“, рече Шефчовиќ пред состанокот на европските министри за трговија.
„Се договоривме да го интензивираме нашиот ангажман на техничко ниво и јас сум во редовен контакт со него. Мислам дека ќе се видиме многу наскоро, најверојатно тука во Брисел или на состаноците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД)“, рече тој.











