ЕУ: Лани увезен мед од 208.000 тони вреден 452 милиони евра

45

Фото: Pixabay

Во текот на минатата година, земјите членки на Европската унија увезоа 208.000 тони природен мед од земји што не се членки. Вредноста на увозот достигна 452 милиони евра, покажуваат податоците на европската статистика.

Од друга страна, само 21.000 тони мед се извезени од земји членки на ЕУ надвор европските граници. Извозот минатата година достигна вредност од 119 милиони евра.

Најголем дел од увозот на мед во ЕУ е од Германија, којашто увезла 60.000 тони мед. Потоа следи Велика Британија со увоз на 45.000 тони мед, Белгија 22.000 тони мед, Полска со 21.000 тон и Шпанија со 17.000 тони мед произведен надвор од Унијата.

Најголем дел од увезениот мед доаѓа од Кина, односно 80.000 тони, по што следи Украина со 41.000 тони, Аргентина 25.000 тони, Мексико со 21.000 тони и Чиле со 8.000 тони мед.