ЕУ мора да осмисли нови мерки за поддршка на компаниите

64

Европската унија мора да излезе со нови мерки за да им помогне на компаниите во енергетската транзиција и да ги ублажи последиците од државната поддршка за американската конкуренција, изјави европскиот економски комесар Паоло Џентилони.

Земјите на ЕУ можеби ќе треба да ги поддржат компаниите за да ги спречат да заминат во странство поради високите цени на енергијата и економските последици од руската војна во Украина, кои се потешки во Европа отколку во другите делови на светот, рече Џентилони во интервју објавено во вторникот.

Тој не прецизираше колку пари треба да издвојат државите или како треба да ја финансираат оваа потрошувачка.

„Прво да утврдиме кои сектори и проекти, како што е водородот, се од заеднички европски интерес и да анализираме што е потребно за да ги поттикнеме“, предложи еврокомесарот во интервју за холандскиот дневен весник FD.

Помошта, исто така, треба да и помогне на Унијата да најде одговор на американскиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА) од 430 милијарди долари, додаде тој.

Земјите од ЕУ стравуваат дека законот ќе ги стави нивните компании во полоша позиција во споредба со американската конкуренција, бидејќи предвидува даночни олеснувања само за компонентите на „зелените“ производи, како што се електричните автомобили, произведени во Северна Америка, толкува Ројтерс.