ЕУ одлучи: Oтсега Русите за визите ќе плаќаат повеќе и ќе чекаат подолго

28

Советот на Европската унија донесе одлука за целосно суспендирање на договорот за визно олеснување меѓу ЕУ и Русија, што значи дека руските граѓани ќе плаќаат повисоки визни такси и подолго ќе чекаат за визи.

Суспензијата на договорот, која стапува на сила од понеделник, повлекува зголемување на визните такси од 35 на 80 евра, ќе треба да се доставува дополнителна документација со барањата за виза, кои подолго време ќе се обработуваат, а се воведуваат и порестриктивни правила за издавање визи за повеќекратен влез.

„Со договорот за поедноставување на издавањето визи за државјани на доверливи партнери со кои споделуваме заеднички вредности се овозможува привилегиран пристап до ЕУ. Со неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна, како и неселективните напади врз цивилно население, Русија ја уништи таа доверба и ги загрози основните вредности на нашата меѓународна заедница“, рече чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан.

„Денешната одлука е директна последица на дејствијата на Русија и е дополнителен доказ за нашата непоколеблива посветеност на Украина и нејзиното население“, рече чешкиот министер.

Договорот за олеснување на издавањето визи меѓу ЕУ и Русија стапи на сила на 1 јуни 2007 година и го олеснува издавањето визи за краток престој, до најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Политичкиот договор за целосно суспендирање на договорот за поедноставено издавање визи беше постигнат минатата недела на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки во Прага. На тој состанок не беше поддржан предлогот за забрана за издавање туристички визи за руски државјани, кој го предложија неколку земји членки.