Европската унија планира на 4 октомври да гласа дали да воведе царини од дури 45 отсто за увезените електрични возила (ЕВ) произведени во Кина, велат запознаени со ова прашање.
Земјите-членки добиле нацрт-регулатива за предложените мерки, велат извори, пишува Блумберг.
Гласањето меѓу земјите-членки беше накратко одложено поради преговорите со Пекинг во обид да се најде решение за да се избегнат нови царини.
Преговорите меѓу двете страни би можеле да продолжат дури и ако земјите-членки усвојат царини, објави Блумберг претходно. Новиот датум сè уште може да се помести, рекоа и луѓе запознаени со ситуацијата.
Гласањето дојде откако истрагата на Европската комисија покажа дека Кина неправедно ја субвенционира својата индустрија за електрични возила и дека тарифите се потребни за европските производители да не бидат во неповолна положба.
Кина негира какви било неправилности од нејзина страна и се закани со царини за европските производи како што се млечни производи, ракија и свинско месо, како и автомобили со големи мотори.
Доколку се донесе ваква одлука, тарифите би важеле во наредните пет години, а новите тарифи би биле над постојната стапка од десет проценти.
Земјите-членки, вклучително и Германија и Шпанија, предупредија на воведување царини, велејќи дека тоа може да предизвика трговска војна. Кина е втор најголем трговски партнер во Европа и минатата година трговската размена беше 739 милијарди евра (825 милијарди долари).