ЕУ планира нови санкции за компании од „трети земји“ кои ѝ помагаат на Русија

Европската унија (ЕУ) подготви предлог за нови санкции, овојпат наменет за компании од „трети земји“, вклучувајќи ги Кина, Индија, Казахстан и Србија, чии операции наводно придонесуваат за зајакнување на воените капацитети на Русија.

Ова ќе биде првпат ЕУ да ги таргетира компаниите кои се значајни трговски партнери, преку 13-тиот пакет санкции што треба да се разгледа пред втората годишнина од војната во Украина (која започна на 24 февруари), пренесува Nova ekonomija.rs.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека на овој начин на европските компании би им се забранило бизнис со поединечно котирани компании, како дел од напорите на Брисел против заобиколување на ембаргото за извоз на одредени електронски компоненти во Русија.

Овие стоки со „двојна употреба“ наводно може да се користат во системи за оружје.

„Исто така, соодветно е да се вклучат во таа листа и некои други субјекти во трети земји кои индиректно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс со трговија со такви компоненти“, се наведува во документот.

Предлогот, исто така, ќе забрани извоз во Русија на компоненти што се користат за изградба на беспилотни летала. Европската комисија одби да ги коментира овие наводи за ФТ.

Списокот на компании под санкции на ЕУ, со додавање на најавените „новодојденци“, би броел 643 субјекти. Новите компании вклучуваат компании во Шри Ланка, Турција, Тајланд и Казахстан, како и една од Србија.

Тие фирми не можат да бидат именувани од правни причини, пишува Фајненшл тајмс, а бројот на ентитети вклучени во списокот не е конечен, што значи дека во меѓувреме може да се ревидира.