
Во светот на стартап компаниите е широко распространето мислењето дека има подобри перспективи во потрагата по капитал за понатамошен раст, откако почетната фаза на финансирање веќе е обезбедена, во САД отколку во Европа.
Ова ги намалува перспективите за иновации и технолошки развој на Европската Унија (ЕУ), па затоа во Брисел, свесни за состојбата, одлучија да преземат конкретни чекори за да ја корегираат нерамнотежата помеѓу инвестициските можности од двете страни на Атлантикот.
Европската комисија започна разговори со осум големи инвеститори за приклучување кон фонд за поддршка на европски компании кои работат на клучни технологии.
Таков фонд е во подготовка од пролетта оваа година со цел да се премости јазот во финансирањето на европските стартап компании кога тие веќе достигнале повисока фаза на развој преку комбинација од европски пари и инвестиции од приватниот сектор. Ова би можело да се направи со купување удели за поддршка на компании вклучени во светот на технологијата, од вештачка интелигенција до квантно пресметување.
Фондот би имал на располагање од три до пет милијарди евра, во зависност од придонесот на инвеститорите.
Европската комисија ги покани данската инвестициска компанија Ново Холдингс, државниот Дански фонд за извозни инвестиции, шпанската инвестициска компанија КритериумсКаикса и банката Сантандер, италијанската банка Интеса Санпаоло, холандскиот пензиски фонд АПГ Асет Менаџмент, шведската Валенберг Инвестментс и полската развојна банка Господарства Крајовего.
„Фондот ќе се фокусира на стратешки и иновативни технологии како што се напредни материјали, чиста енергија, вештачка интелигенција, полупроводници, квантна технологија, роботика и вселенска и медицинска технологија“, се наведува во белешка од Европската комисија што ја виде Политико.
Доста европски стартап компании се борат да поминат низ таканаречениот процес на скалирање, односно обезбедување финансиски средства за раст и развој откако перспективата на бизнис идејата веќе е докажана во почетната фаза.
Затоа, многу често ваквите европски компании се селат во САД. Во моментов, помалку од десет проценти од стартап компаниите се со седиште во Европа.
„Целта на фондот е да се обезбеди дека стартап компаниите што ја поминале фазата на почетно финансирање можат да продолжат да растат, а воедно да го задржат своето седиште и основните деловни активности во Европа“, наведува Европската комисија.
Овој фонд се гради врз веќе постоечкиот модел на купување акции во компании преку фондот на Европскиот совет за иновации (EIC). Инвестициите преку EIC се ограничени на 30 милиони евра, додека новиот фонд ќе може да инвестира поединечно и повеќе од 100 милиони евра.
Се очекува новиот фонд да биде лансиран во април следната година. Отворен е за пристап до поширок круг инвеститори.
Следниот месец, Европската комисија планира да започне со потрага по инвестициски советник, а оваа постапка треба да заврши до крајот на јануари.











