ЕУ подготвува рекордна казна за Мета за пренос на податоци

92

ЕУ се подготвува да ѝ наложи рекордна казна на Мета, за нарушување на приватноста со пренесување на податоците на корисниците на Фејсбук од ЕУ на сервери во САД и непочитување на предупредувањето од судот на ЕУ, изјавија два извори.
Казната ќе биде повисока од претходниот рекорд, казната од 746 милиони евра наметната од ЕУ на Amazon.com, велат изворите.

Мета одби да коментира. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) и Европската комисија не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар на информацијата.

Европските регулатори предводени од ирската комесарка за заштита на податоци Хелен Диксон ја финализираат забраната за правната алатка што ја користи Facebook за пренос на податоците на европските корисници во САД, поттикнати од стравувањата дека американските разузнавачки служби би можеле да добијат пристап до податоците.

Во април тие предупредија дека ирскиот регулатор за заштита на податоците има рок од еден месец да издаде наредба за блокирање на преносот на податоци на Фејсбук преку Атлантикот. Забраната би можела да стапи на сила во наредните денови.

Во 2020 година, највисокиот европски суд го поништи договорот меѓу САД и ЕУ за пренос на податоци, повикувајќи се на страв од надзор, потсетува Ројтерс.

Мета минатата година предупреди дека поради забраната за механизмот што го користат за пренос на податоци од Европа во САД, би можеле да бидат принудени да ги прекинат услугите на Фејсбук на Стариот континент.