ЕУ постигна рекорден трговски суфицит во секторот медицински и фармацевтски производи

Извозот на медицински и фармацевтски производи од Европската унија достигна вредност од 313,4 милијарди евра во 2024 година и во однос на 2023 година е зголемен за 13,5 отсто. Во исто време увозот забележа скромен раст од 0,5 отсто и изнесува 119,7 милијарди евра, објави Европската статистичка служба (Евростат).

Така, во ЕУ минатата година е остварен рекорден трговски суфицит во секторот медицински и фармацевтски производи од вкупно 193,7 милијарди евра.

Минатата година Германија беше најголемиот извозник на медицински и фармацевтски производи надвор од ЕУ (67,9 милијарди евра), по што следат Ирска (56,6 милијарди евра) и Белгија (41,4 милијарди евра). А на листата на најголеми увозници од земјите надвор од ЕУ, првото место го зазеде Германија (23,0 милијарди евра), потоа Белгија (21,3 милијарди евра), а на третото место е Холандија (14,7 милијарди евра).

Главна дестинација за извоз на медицински и фармацевтски производи надвор од ЕУ во 2024 година беа Соединетите Американски Држави (38,2 отсто од вкупниот извоз надвор од ЕУ – 119,8 милијарди евра), потоа Швајцарија (16,4 отсто – 51,3 милијарди евра) и Велика Британија (5,8 отсто – 18,2 милијарди евра).

Најголем дел од увозот од ЕУ доаѓа од САД (38,3 отсто; 45,9 милијарди евра), Швајцарија (32,6 отсто; 39,1 милијарди евра) и Британија (7,3 отсто; 8,7 милијарди евра).