ЕУ предлага нејзините членки да стимулираат компании кои штедат енергија

37

Европската унија ќе ги охрабри земјите-членки да ја намалат побарувачката за гас преку охрабрување на индустријата да троши помалку, како подготовка за евентуално натамошно намалување на испораките од Русија. Според нацрт-планот на Европската комисија, на овој начин Брисел се подготвува за пад на испораките на руски гас, на што во средата предупреди ММФ, посочувајќи на можност за рецесија.

Планот на ЕК, кој треба да биде објавен на 20 јули, ќе предложи земјите-членки да започнат финансиски стимулации за компаниите за да ги стимулираат да ја намалат употребата на гас. Државната помош треба да ги поттикне индустриите и електраните да се префрлат на други горива и да започнат информативни кампањи за да ги поттикнат потрошувачите да користат помалку енергија за греење и ладење.

Мерките фокусирани на индустријата би можеле да вклучуваат аукции или тендери каде што големите потрошувачи би биле компензирани за користење помалку гас, според нацртот што го видел Ројтерс. Владите, исто така, треба да одлучат по кој редослед ќе им наредат на индустриите целосно да престанат да трошат во итни случаи.

Нацрт-планот, кој е предмет на промени, треба да ја земе предвид важноста на услугите на одредени индустрии и влијанието на нивното затворање врз синџирите на снабдување. Целта на ЕУ е да складира што е можно повеќе резерви на гас за зимата. Во моментов се пополнети 62 отсто од капацитетот за складирање, додека целта е до ноември капацитетот да се пополни до 80 отсто.