
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи поддршка од повеќе од 2,6 милијарди евра за закрепнување на Грција по серијата природни катастрофи што ја погодија земјата во текот на летото.
Фон дер Лајен ја увери Грција во солидарноста на Европската унија, зборувајќи на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по нивната средба во Стразбур, Франција, јавува Anadolu Agency.
Таа рече дека помошта од ЕУ ќе дојде „не само во овој акутен момент, туку и за обнова и реконструкција“ откако „огромна област беше уништена од шумски пожари и поплави кои опустошија големи региони“.
Фон дер Лајен го откри планот за одговор на Европската комисија за итни случаи кој „ќе и овозможи на Грција да мобилизира до 2,25 милијарди евра“ со прераспределба на средствата на ЕУ, вклучително и субвенциите на ЕУ за земјоделството и регионалниот развој.
Европската комисија, исто така, го поддржува барањето на Грција за дополнителни 400 милиони евра од солидарниот фонд на ЕУ што земјите-членки на ЕУ допрва треба да го одобрат за дополнување на постоечкиот буџет на блокот за поддршка при катастрофи.
Најмалку 15 лица загинаа, 5.000 се евакуирани, а повеќе од 73.000 хектари обработливо земјиште се поплавени во грчката провинција Тесалија, бидејќи бурата Даниел ја зафати земјата со обилни врнежи минатата недела.
Августовскиот шумски пожар во Грција е прогласен за најголемиот пожар што некогаш е забележан во ЕУ.