ЕУ привремено ги суспендира царините за производите од Украина

48

Советот на Европската унија, кој претставува 27 земји-членки, одобри укинување на царините за увоз на стоки од Украина на една година со цел да и помогне на економијата на земјата поради руската инвазија.

Мерката, предложена од Европската комисија на 27 април, беше одобрена од Европскиот парламент на 19 мај.

Одлуката сега е потврдена и ќе стапи на сила еден ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, се додава во соопштението на Советот.

Укинувањето на царините ќе ја олесни трговијата со Украина по (руската) агресија и ќе и помогне на нејзината економија“, изјави на прес-конференција потпретседателот на Комисијата Валдис Домбровскис, пренесува Хина.

Билатералната трговска размена меѓу ЕУ и Украина минатата година изнесуваше 52 милијарди евра, соопшти европското извршно тело.

Бруто домашниот производ (БДП) на Украина се очекува да падне за 35 отсто оваа година, според проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објавена на 19-ти април.