ЕУ разгледува нов пакет санкции против Русија

Денес министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) треба да усвојат нов пакет санкции против Русија и да се договорат за дополнителна поддршка за Украина.

На состанокот во Луксембург ќе се разговара и за конфликтот на Блискиот Исток и односите со Кина.

Се очекува министрите да воведат санкции против уште неколку десетици бродови за кои се верува дека припаѓаат на таканаречената „флота во сенка“ на Русија, односно танкери и товарни бродови што ги користи Москва за заобиколување на меѓународните санкции.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, минатата недела изјави дека очекува министрите да одобрат и нови мерки против поединци и организации кои ја поддржуваат војната на Русија против Украина, вклучително и замрзнување на средства и забрани за влез во ЕУ.

На дневен ред ќе биде и 21-от пакет санкции на ЕУ, кој би можел да вклучува забрана за влез во Европската Унија за руски војници кои учествувале во војната против Украина, но одлука за тој предлог се очекува во подоцнежна фаза.

Министрите ќе разговараат и за користењето на 6,6 милијарди евра од воениот фонд на ЕУ наменет за Украина. Плаќањата од тој фонд претходно беа блокирани поради противењето на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Европската Унија претходно објави дека денес официјално ќе ги започне преговорите за пристапување со Украина и Молдавија.

Иако ЕУ формално ги отвори преговорите за пристапување со двете земји во јуни 2024 година, почетокот на суштинските преговори со Украина беше блокиран поради противењето на Унгарија под водство на Виктор Орбан.

Освен за Украина, министрите ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и можните мерки против Израел за поддршка на израелските доселеници на Западниот Брег и дејствијата на израелските сили во Појасот Газа.

Односите на ЕУ со Кина исто така ќе бидат на дневен ред, јавува ДПА.