
Земјите-членки на Европската унија (ЕУ) и Европската комисија (ЕК) разговараа за можноста за ослободување дополнителни резерви на дизел за да се намали притисокот на пазарот и високите цени на горивата, додека Вашингтон ги повика европските сојузници да ја зголемат понудата и предупреди дека може да воведе забрана за извоз на дизел во Европа доколку не го сторат тоа.
Европската комисија по денешниот состанок на Работната група за Енергетска унија објави дека залихите на дизел во ЕУ засега се стабилни, но дека цените се високи поради тензиите на глобалниот пазар, се вели во соопштението на Комисијата.
Групата, составена од високи претставници на Комисијата и земјите-членки, разменила информации и разговарала за соодветни мерки.
Според извор на Ројтерс запознаен со дискусиите, земјите од ЕУ разговарале за францускиот предлог европските земји да ослободат 50 милиони барели дизел од резервите, додека членовите на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) истовремено би ослободиле уште 50 милиони барели сурова нафта.
Во разговорите, според истиот извор, било разгледано и дека секој договор за дополнително ослободување на резервите да биде придружен со обврска од страна на САД да не воведуваат еднострана забрана за извоз на дизел.
Комесарот за енергетика на ЕУ, Ден Јоргенсен, претходно изјави дека ново ослободување на стратешки резерви е „можност“, наведувајќи дека вистинскиот момент за таков потег се дискутира со сите членови на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), а не само со САД.
„Го користевме тоа и претходно и веројатно ќе го користиме повторно“, изјави Јоргенсен за „Еуроњуз“.
Притисокот на Вашингтон се засили во четврток кога американскиот министер за финансии, Скот Бесант, ги повика европските партнери да ги забрзаат постојните обврски и веднаш да обезбедат дополнително гориво за справување со прекините во снабдувањето.
„Американските земјоделци, камионџии и бизниси не треба да го носат товарот на глобалниот недостиг на дизел. Америка го прави својот дел. Очекуваме нашите сојузници да ги преточат своите обврски во акција“, напиша Бесант на платформата за социјални медиуми X.
Вашингтон размислува за 90-дневна забрана за извоз на дизел во обид да ги ограничи растечките домашни цени на горивата пред ноемвриските конгресни избори.
Разговорите за резервите доаѓаат во време кога условите на пазарот на дизел се заоструваат пред зимата, што доведува до повисоки цени за потрошувачите и загриженост за идните залихи.
Европската комисија минатата недела соопшти дека резервите за итни случаи остануваат на високо ниво и се достапни во случај на нарушување на пазарот.
Меѓународната агенција за енергија координираше заедничко ослободување на резервите на нафта во март за да го поддржи пазарот по нарушувањето на снабдувањето, со вкупно 400 милиони барели нафта што треба да бидат ослободени.











