ЕУ се откажа од ACTA

21

Меѓународниот трговски договор против фалсификување ACTA, дефинитивно е отфрлен во Европа откако Европската комисија се откажа од барањето на Европскиот суд за правда да ја потврди неговата легалност.

Европскиот парламент ја отфрли ACTA во јули. За тоа имаше многу причини, но најголемата беа масовните протести ширум Европа. Луѓето масовно излегоа на европските улици против овој договор, затоа што сметаа дека може да ја ограничи слободата на интернетот.

“Ја поздравувам веста од Европската комисија. ЕУ не може да биде дел од договорот без ратификација на Европскиот парламент. Европските пратеници со големо мнозинство го отфрлија ACTA во јули и задоволен сум што Комисијата сфати дека тоа е крај на патот за ACTA во Европската унија, благодарение на Парламентот”, изјави претставникот на социјалистите во Европарламентот, Дејвид Мартин.

ACTA до сега ја ратифицираше само Јапонија, а можно е да го сторат тоа и САД и Австралија. Договорот го имаат потпишано уште Јужна Кореја, Мексико, Мароко, Нов Зеланд, Сингапур и Швајцарија. За да стапи на сила, договорот мора да го ратифицираат најмалку шест земји.

Замислен како глобален договор, ACTA почна да се развива во 2007 година како средство за заштита на авторски права и злоупотреба на патенти во широк спектар на индустрии.