Европската комисија во вторникот издаде обврзници во вредност од 20 милијарди евра, што е прво задолжување за финансирање на закрепнувањето од пандемијата на коронавирусот.
“Денес успешно ја спроведовме првата операција за издавање на обврзници. Како силна унија, позајмуваме од пазарот и инвестираме во заедничко закрепнување од кризата“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Обврзниците беа издадени за период од десет години, а тоа е досега најголемата трансакција и најголемиот износ што Европската унија го собра во една трансакција.
Комисијата додава дека обврзниците наишле на голем интерес кај инвеститорите во Европа и светот. ЕК планира да позајми повеќе од 800 милијарди евра до 2026 година за фондот за спас подготвен за борба против економските последици од новиот вид коронавирус.
Фото: Pixabay











