
Европа треба да го искористи моментот и да профитира од овогодинешниот силен раст на нејзината берза како „голем удар“, изјави шефот на германската берза Стефан Лајтнер.
Како што истакна во интервју за „Фајненшл тајмс“, европските функционери треба максимално да го искористат фактот што инвеститорите се селат на европските пазари и се оддалечуваат од американските поради загриженоста за зголемените царини и трговските војни.
Лајтнер смета дека Брисел сега треба да ја направи Европската унија поконкурентна преку туркање реформи кои поттикнуваат инвестиции во европските компании.
„Направени се многу мали чекори, но недостасува моментот на „големата експлозија“.
Германскиот берзански индекс DAX оваа година убедливо го надмина американскиот S&P 500 бидејќи инвеститорите ги напуштаат американските акции и ги фаворизираат европските.
DAX оваа година порасна за 15,2 отсто, додека S&P 500 падна за 3,91 отсто.
Досега, ЕУ ги избегнуваше најлошите тарифи на САД, за разлика од Канада или Кина, но работата е далеку од дефинитивна.
„Сега имаме можност дополнително да ја зајакнеме нашата конкурентност. Меѓународните инвеститори се убедени дека германските компании можат да одиграат силна улога“, рече Лајтнер.
ЕУ долго време се обидува да поттикне поголем прилив на инвестиции преку спојување на фрагментирани пазари на капитал и охрабрување на фондовите и малите штедачи да инвестираат повеќе пари во акции.
Сепак, овие напори наидоа на отпор кај некои земји-членки. Францускиот предлог за продолжување на интегрирањето на пазарите на капитал, поддржан од земји како Италија, Шпанија, Полска или Холандија, не беше добро прифатен од повеќето помали членки кои беа загрижени за можното губење на правото да поставуваат сопствени правила.
Лајтнер наведува дека има 11 трилиони евра целосно непродуктивна готовина на европските штедни сметки кои би можеле да се пренасочат на пазарите.
„Методот на штедење и пензискиот систем треба да се сменат и прошират“, смета Лајтнер, наведувајќи го како добар пример американскиот пензиски план 401k, кој имплицира дека вработените одвојуваат пари од нивниот приход пред оданочување за лични заштеди, кои можат да се совпаднат со распределбата на работодавачот за истата цел. Заштедените средства не можат да се искористат без казна пред лицето да наполни 59,5 години.
Ваквиот план, според неговите зборови, би можел да го зголеми ентузијазмот за инвестирање во акции, со можното дефинирање на даночни олеснувања.
Тој смета дека приватниот сектор треба да ја искористи можноста создадена од планот за трошење од 500 милијарди евра, предвиден од потенцијалниот иден германски канцелар Фридрих Мерц.