Новата коалиција во Германија преговара за миграциската политика, на мета и работниците од Балканот

Германските демохристијани и социјалдемократите преговараат за формирање нова влада, а една од клучните одредби од потенцијалниот коалициски договор во делот поврзан со миграцијата е намалувањето на бројот на работници во Германија од Западен Балкан.

Имено, со сегашните одредби, кои беа воведени во 2016 година, беше дозволено легално доаѓање на нискоквалификувани работници од БиХ, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, а квотата, по неколку години успешно спроведување на програмата, беше ограничена на 50.000 работници.

Новиот коалициски договор предвидува оваа бројка да се преполови и да се овозможи пристигнување на 25.000 работници годишно.

Оваа мерка има за цел да ја контролира имиграцијата и да го намали притисокот врз домашниот пазар на труд.

Сепак, постои загриженост дека ваквото намалување може да го влоши недостигот на вештини во одредени сектори, а имаше отпор и критики за овие планови во делот на бизнис заедницата. Деловните здруженија, особено од секторите градежништво, грижа и угостителство, предупредуваат дека ваквите намалувања може дополнително да го влошат постојниот недостиг на квалификувани работници.

Холгер Шванеке, извршен директор на Централното здружение на германски занаетчии (ЗДХ), изјави за Frankfurter Allgemeine Zeitung дека намалувањето на квотата на работници од Западен Балкан дополнително ќе го влоши недостигот на квалификувани работници во занаетчискиот сектор.

Најважната одредба на ова правило е секој неквалификуван работник кој нема диплома или не поседува посебна вештина за која може да се добие „сина карта“, или привилегирана имиграција, може да оди во Германија и да бара работа.

Доколку најде работа потребна е само потврда од работодавачот дека тој работник му треба, како и формална потврда дека ниту еден работник од Германија или ЕУ не се пријавил за оваа позиција.

Со овие документи тој може да оди во германското конзуларно одделение за визи во неговата земја и да побара работна дозвола за работа во Германија.

Новата коалиција, притисната од јавното незадоволство од неконтролираната миграција, има намера да преземе неколку мерки за намалување на притисокот врз германскиот миграциски систем, а правилото за Западен Балкан е една од предложените мерки.