ЕУ треба да ја спречи Индија да ја препродава руската нафта во Европа

29

ЕУ треба да ја спречи Индија да ја препродава руската нафта во Европа како рафинирано гориво, вклучително и дизелот, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Тој во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека тоа прашање ќе го покрене денеска во разговор со министерот за надворешни работи на Индија, Субрахмањам Џаишанкар.

„Доколку дизелот или бензинот влезе во Европа од Индија, која ја преработува руската нафта, тоа секако е заобиколување на санкциите против Русија и земјите-членки на ЕУ мора да преземат мерки во овој поглед“, посочи Борел.

Според него, секој механизам за запирање на протокот на руска нафта треба да го спроведат националните власти, што значи дека треба да се провери кои компании купуваат нафтени деривати од Индија.

Индиски рафинерии, кои претходно ретко купуваа руска нафта поради високите транспортни трошоци, во фискалната 2022/23 година увезувале од 970.000 до 981.000 барели нафта дневно (април-март), што претставува повеќе од една петтина од вкупниот увоз на гориво во Индија.

Во изминатата година, Индија се појави како најголем купувач на руска нафта од почетокот на војната во Украина.