
Советот на ЕУ усвои два прописи со нови правила со кои се овозможува онлајн аплицирање за виза за патување во шенген-зоната, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Можноста за аплицирање за шенген-виза преку интернет ќе претставува големо подобрување за граѓаните и за обработката на апликацијата. Тоа ќе го поедностави процесот на аплицирање за патниците и истовремено ќе ги растовари националните администрации, кои ќе можат да одговорат побрзо и поефективно – изјави шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ
Со новите прописи се предвидува создавање платформа за аплицирање за виза за влез во ЕУ, преку која ќе се поднесуваат сите барања за издавање шенген-визи, со неколку исклучоци. На платформата, апликантите за виза ќе можат да ги внесат сите релевантни податоци, да прикачуваат електронски копии од нивните патни и други придружни документи, како и да го платат соодветниот надомест.