ЕУ воведува „нова категорија“- Санкции и за оние кои ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи

50

Предлогот на осмиот пакет санкции против Русија, претставен од Европската комисија, вклучува и санкционирање на лица кои помагаат во заобиколувањето на санкциите.

„Воведуваме нова категорија, во која ќе можеме да ставиме поединци на списокот доколку ги заобиколат санкциите. На пример, ако купат стоки во Европската унија, ги донесат во трета земја, а потоа во Русија, ова ќе биде заобиколување на санкциите и овие лица може да бидат на санкционираната листа. Мислам дека тоа ќе има големо застрашувачко дејство“, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, пренесоа агенциите.

Таа истакна дека сегашните санкции на ЕУ силно го погодиле режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

Му го отежнаа финансирањето на војната и сега ги интензивираме напорите во таа насока“, рече претставникот на ЕК.

Европската унија веќе донесе одлука за забрана за увоз на руска сурова нафта транспортирана со танкери, која ќе стапи на сила на 5 декември.

Неодамна група најразвиени земји, Г7, предложи да се воведе ограничување на цената на руската нафта за трети земји, а сега во таа насока се движи и предлогот на Комисијата.

„Знаеме дека на некои земји во развој сè уште им е потребна руска нафта по ниска цена. Во денешниот пакет ја поставуваме правната рамка за воведување на руски ограничувања на цената на нафтата за трети земји. Од една страна, ова ќе ги намали руските приходи од продажбата на нафта, а од друга страна ќе ги одржи стабилни светските енергетски пазари“, рече фон дер Лајен.

Новиот, осми пакет санкции вклучува додавање на уште 1.300 физички и правни лица на списокот на санкционирани лица, опсежна забрана за увоз, што ќе ја лиши Русија од приход од 7 милијарди евра, како и забрана за извоз на неколку клучни технологии за Русија.

Исто така, се предлага граѓаните на ЕУ повеќе да не можат да бидат во одборите на директори на руските државни претпријатија.