
Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен политички договор за регулатива со која има намера да ја зголеми транспарентноста во областа на краткорочно изнајмување сместувачки капацитети, кои сочинуваат четвртина од вкупното туристичко сместување во ЕУ.
„Новата регулатива воспоставува единствен и едноставен сет на правила за информации за платформите и ги олеснува процедурите за регистрација за изнајмувачите“, рече Росана Морило Родригез, вршител на должноста државен секретар на Шпанија за туризам.
Таа додава дека поголемата транспарентност ќе овозможи поголема доверба кај патниците, а ќе им помогне на надлежните органи во дизајнирањето подобри туристички политики за да се обезбеди социјална и еколошка одржливост, а истовремено ќе придонесе и за контрола на нелегалните активности.
Предлогот, за кој Советот и Европскиот парламент постигнаа начелна согласност, е ограничен на создавање едноставен систем за регистрација со заеднички одредби за воспоставување процедури за регистрација и не е наменет да го регулира пристапот на пазарот за овие активности.
Привремениот политички договор сега треба да биде потврден од двете законодавни институции, Советот и Европскиот парламент, што треба да се случи наскоро. Регулативата ќе почне да се применува две години откако ќе стапи во сила.
Дигиталните платформи како Booking.com или Airbnb доживуваат голем успех, но носат и проблеми за локалните заедници, а еден од нив е недостатокот на станови за долгорочно изнајмување по пристапни цени. Регулативата за зголемување на транспарентноста во областа на краткорочно изнајмување сместувачки капацитети треба да им помогне на јавните тела да обезбедат рамномерен развој на оваа активност како дел од секторот за одржлив туризам.