Од 1 јануари следната година, рестораните во Европа ќе можат да служат маслиново масло само во затворени пакувања со етикети според стандардите на ЕУ. Европската комисија тврди дека со забраната за служење на маслиново масло во бокалчиња и во мали садови за макање, ќе се заштитат потрошувачите, ќе се подобри хигиената, но ќе се заштитат и произведувачите на маслиново масло.
“Ние само сакаме да се осигураме дека кога ќе побарате маслиново масло со одреден квалитет во ресторан, дека ќе го добиете тоа што ќе го платите”, изјави портпаролот на Европската комисија, Оливер Бејли.
Многу пратеници во европарламентот, но и сопственици на рестораните, сметаат дека во време на криза ЕУ треба да се занимава со други прашања, а не со вакви баналности. Се прашуваат зошто не се донесе слична одлука и за оцет и вино.
Европската унија е најголем произведувач и корисник на маслиново масло во светот. Произведува 73% од вкупното светско производство, додека во вкупната потрошувачка учествува со 66%.