Kомпанијата Еуролинк осигурување почна со реализација на донацијата во студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, се вели во соопштението на компанијата.
За овој проект Еуролинк одвои средства во висина од 8.500 евра и се вклучи со логистичка поддршка за реализација на проектот и креирање идејно решение за уредување на внатрешниот простор. Проектот, кој е дел од платформата за корпоративна општествена одговорност: Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности, опфаќа опремување на заедничката читална и библиотека во Блок Б, на 6. кат во студентскиот дом Гоце Делчев.
Станува збор за единствен простор со површина од 160 метри квадратни, кој ќе претставува модерно уредена читална со целиот потребен инвентар за таа намена – од бироа, столови и библиотека, каде што студентите ќе можат да ги подготвуваат своите семинарски, колоквиуми и испити.
Просторијата ќе биде пуштена во употреба за две до три недели, пред самиот почеток на учебната 2015 – 2016 година.
“Навистина сме уверени дека за брзо време студентите ќе можат да уживаат во современо опремена читална во домот Гоце Делчев во Скопје. Сметаме дека секое општество треба да обезбеди поттикнувачки услови за развој на интелектуалната сила и идните професионалци и токму затоа компанијата издвои средства за креирање на еден модерен и урбан простор за многу генерации студенти”, изјави Олга Костовска, претседател на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување.
Целта на донаторската програма на Еуролинк осигурување е да им се даде неопходната поддршка на студентите, а воедно како општествено одговорна компанија да даде свој придонес во подобрувањето на условите во самиот студентски дом Гоце Делчев во Скопје.