Еван Лутра: Најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш

4

Најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш, смета Еван Лутра од Индија, 24-годишен сериски претприемач, бизнис ангел, почесен доктор на науки за blockchain технологија. Неговата приказна започнува кога тој има само 12 години, а денес има импресивно портфолио и желба да поддржи големи идеи.

Лутра во ексклузивно интервју за Бизнис Инфо ја открива својата филозофија на работа, а е гостин говорник на Балканскиот претприемачки самит во Скопје.

Бизнис Инфо: Велите дека со креативност, идеја и магија, можно е да развиете производи што никој нема да може да ги заборави. Како успевате во тоа и што е неопходно за да се постигне таква цел?

Она што е најважно е да се пронајде проблем, за да може да се најде соодветно решение за тој проблем. За мене е најважно да го правам тоа што го сакам, бидејќи ако го правите тоа што го сакате, тогаш ќе успеете. Втората работа што е клучна е создавање на вредност за другите луѓе. Секогаш кога пронаоѓам проблем, гледам колку е голем и како може да се реши. Колку е проблемот поголем, носи и толку поголема вредност. Јас не верувам дека постојат невозможни работи или пак дека на некој проблем не може да му се најде решение, секогаш верувам дека има начин  да се најде одговорот.

Бизнис Инфо: Во несигурните води на претприемништвото “запловивте“ многу млад. Која беше главната мотивација за таков чекор?

Кога влегов во претприемништвото бев многу мал, имав само 12 години, а започнав со креирање мобилни апликации. Бев меѓу првите 100 кои создадоа мобилни апликации за iPhone. Започнав со креирање мобилни апликации, бидејќи имав сопствен блог и сакав да направам апликации поврзани со него. Кога ја создадов мојата прва компанија имав само 17 години. Она што го работам денес, сум го сакал од секогаш.

Бизнис Инфо: Дали искуството е најважно при пронаоѓање решение за некој предизвик?

Не секогаш, бидејќи наивноста, исто така, носи свои бенефити, бидејќи кога немате искуство ги гледате работите на поинаков начин. Но, мора да постои баланс, бидејќи не можете да успеете сами, мора да имате поддршка од другите и потребно е да се направи “микс“ од луѓе кои се почетници и луѓе кои имаат искуство за да бидат комплементарни. Искуството може да помогне но не е пресудно за успех. Секогаш е важно да се направи баланс, јас сум таму каде што сум благодарение на тоа што бев наивен и немав искуство.

Бизнис Инфо: Исто така сте и акредитиран бизнис ангел. Кои се предизвиците со кои се соочувате кога ги анализирате бизнис идеите во кои би сакале да инвестирате?

Јас сум многу поразличен вид на бизнис ангел, бидејќи поддржувам и инвестирам во многу ризични проекти. Јас барам големи идеи, јас барам луѓе кои имаат голема визија и не ми е важно ако идејата има само 2% шанси да успее, бидејќи секако голем е процентот на бизнис идеи што не успеваат. На крајот на денот, бизнис ангелите  се нарекуваат ангели бидејќи им помагаат на претприемачите да застанат на свои нозе. Сакам да им помагам на луѓето, да им ја дадам неопходната поддршка и на тој начин да обезбедиме подобро општество за сите. Импактот од таквиот начин на работа има позитивен ефект не само на бизнисот, туку и на земјата, а потоа може да се прошири и многу подалеку.

Бизнис Инфо: Вашата девиза е Најдобриот начин да ја предвидите иднината е да ја изградите. Што е најважно за да се изгради стабилна иднина?

Не може да предвидиме што може да се случи утре, но може да направиме добар план и стратегија што ќе ни помогне да се движиме напред. Напорната работа е важна, бидејќи ако со труд не успеете денеска, успехот сигурно ќе дојде утре. Една од моите најважни карактеристики е упорноста, мора да бидете упорни и покрај сите предизвици. Затоа, на луѓето им велам дека не е важно и ако шансите за успех им се само 1%. Имагинацијата е многу важна бидејќи со нејзе може да се создадат многу работи.