Евиденција на необработливите земјоделски површини

48

Дел од измените на Законот за земјоделско земјиште, кои денес ги разгледа матичната собраниска комисија, вклучуваат креирање дата база за вкупното земјоделско земјиште во приватна сопственост што ќе овозможи увид колку од површините не се обработуваат, како и воведување нови услови при размената на државното земјоделско земјиште со земјиштето во приватна сопственост.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски изјави дека новина е и прибележувањето на договорот за користење на земјиштето во Катастарот на недвижности по службена должност, а не како досега, по барање на закупецот.

Со измените се воведуваат и нови услови за градење објекти на земјоделското земјиште.

“Измените на Законот се носат, пред се, за да им се излезе во пресрет на барањата на земјоделците, но и за негова поголема применливост и ефикасност, а целта е да се овозможи обработување на што повеќе површини. Еден од елементите што треба да се вовед во законот за окрупнување на земјиштето е токму базата на податоци за вкупните површини во приватна сопственост, колку од нив се обработуваат, а колку не. Така ќе можеме на сопствениците кои не го обработуваат земјиштето да им понудиме услуга преку т.н. банка на податоци на земјоделското земјиште, за да го даваат под закуп”, нагласи министерот Димовски.

Министерот додаде дека при донесувањето на предлог измените консултирани беа и надлежните институции за што поквалитетно решение.

Комисијата за земјоделство денес ги разгледа и измените на Законот за пасишта со кои се регулира начинот на давање на користење на пасиштата во државна сопственост со кои стопанисува Јавното претпријатие за пасишта по пат на оглас.

Новина во Законот е продолжувањето на важноста на договорите за користење на пасиштата од сегашните пет, на 10 години, по барање на сточарите.

Како што појасни Димовски пасиштата ќе се огласуваат јавно, а право на аплицирање нема да имаат правни и физички лица кои не ги платиле даноците и другите јавни давачки, како и обврските по основ на претходно склучени договори за користење пасишта, ниту правни лица за кои е отворена стечајна или ликвидациска постапка.

Постапката за давање на пасиштата ќе ја спроведува седумчлена комисија составена од државни службеници. Рангирањето на најповолните понудувачи ќе се врши според највисокиот процент на пополнување на капацитетот на огласеното пасиште, а дополнителен критериум е местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на пасиштето.