Европа и Централна Азија се обврзуваат да обезбедат сигурнa исхрана, одржливи и инклузивни земјоделско-прехранбени системи

11

Земјите од Европа и Централна Азија се обединети во заштитата на производството, набавките и трговијата со храна, дури и за време на војна. За време на 33. сесија на Регионалната конференција за Европа во Лоѓ, Полска, повеќе од 50 земји-членки на ФАО разговараа за можните начини и пристапи за реализација на оваа цел и за подобрување на исхраната и сигурноста на храната во регионот и ширум светот.

Потребата за неутрална платформа за дебатирање во врска со тековните предизвици со храната и земјоделството – меѓу секторите кои беа најпогодени од војната во Украина – беше огромна, што се покажа и по рекордниот број земји и делегати кои учествуваа на конференцијата.

„Влијанијата на војната во Украина врз глобалната сигурност на храната треба итно да се решат и да се спречи понатамошна ескалација – глобалната сигурност на храната зависи од тоа“, изјави генералниот директор на ФАО, Кју Донгју, во неговите заклучни зборови. Решавањето на ова прашање, додаде тој, е можно само преку „заеднички, координирани акции и одговорни политики, вклучително и со поддршка на ФАО и преку насоките дадени во извештајот од Регионалната конференција“.
Клучните теми за кои се дискутираше минатата недела беа социјалните и економските последици од пандемијата и војната во Украина и нивното влијание врз глобалната сигурност на храната (на Регионалната конференција беа усвоени одлуките по ова прашање); растот на цените на основните намирници, растителното масло, ѓубривата и други земјоделски инпути; трговијата со земјоделско-прехранбени производи; климатските промени и нивните влијанија; зелено земјоделство; како и неухранетоста и нездравата исхрана.
На Регионалната конференција – највисокото раководно тело на ФАО за Европа и Централна Азија – учествуваа рекорден број земји и делегати, при што лично се приклучија 26 министри и високи функционери одговорни за земјоделството и сродните области, како и претставници на Европската унија, меѓународни организации и граѓанскотото општество – повеќе од 350 луѓе вкупно – собрани во Лоѓ, Полска и приклучени онлајн.
„Успешната трансформација на ефикасни, инклузивни, отпорни и одржливи земјоделско-прехранбени системи во регионот ќе бара ваша посветеност, чувство на сопственост, политичко лидерство и, што е најважно, ваша заложба за мир“, нагласи генералниот директор на ФАО.

Регионалните конференции се од суштинско значење за обезбедување на ефективност на работата на ФАО во служба на земјите-членки и за дефинирање на приоритетните области на работа на Организацијата за следните две години. Извештајот од конференцијата ќе биде претставен на претстојната седница на Советот на ФАО во јуни.