Европа има доволно земја за одржливо проширување на обновливите извори на енергија

15

Студија покажува дека Европа има доволно земјиште за одржливо да ги прошири обновливите извори на енергија без да го загрози производството на храна или природата, според новата анализа на Европската агенција за животна средина (ЕЕБ) објавена денеска.
Според истражувањето, за декарбонизација на Европската унија до 2040 година е потребна само половина од земјиштето кое се смета за погодно за обновливи извори на енергија, со исклучок на природните резервати и земјоделските површини со висока вредност.

„Додека беснее дебатата за тоа каде да се постават нови соларни и ветерни електрани, студијата на ЕЕБ ги појаснува просторните барања за постигнување на 100 отсто обновлива енергија во Европа на одржлив начин“, се вели во соопштението.

ЕЕБ проценува дека само 2,2 отсто од вкупната површина на ЕУ ќе бидат потребни за сегашните и идните соларни и ветерни електрани за да може ЕУ постепено да ги исфрли и фосилните горива и нуклеарната енергија и да постигне климатска неутралност до 2040 година.

Според податоците на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, 5,2 отсто од земјиштето во ЕУ може да се смета за „погодно“ за развој на сончевата енергија и енергијата на ветерот, врз основа на строги земјоделски, еколошки и технички критериуми.

Поголемиот дел од земјиштето погодно за одржлив развој на обновлива енергија е во руралните области.

„Урбаните и индустриските области сами по себе не можат да ги задоволат сите потреби за соларни капацитети. Сепак, има многу деградирано земјоделско земјиште на располагање за соларна експанзија без да се нарушат руралните економии.

Ова може да се направи во синергија со производството на храна и враќањето на здравјето на почвата“, соопшти ЕЕБ.

Во анализата се посочува дека освен деградираните земјишта, обновливите извори на енергија можат да коегзистираат со земјоделството и природата.

„Интеграцијата на сончевата енергија со постојните земјоделски активности е можна преку стандарди за двојна намена, како што е агросоларна централа“, се наведува во соопштението за печатот, додавајќи дека земјите од Европската унија можат да ги исполнат целите за обновливи извори на енергија и обновување на природата.

ЕЕБ укажува дека Германија и Италија немаат доволно земјиште погодно за обновливи извори ако се исклучат природните резервати и продуктивните земјоделски области, но дека од друга страна Шпанија и Романија имаат значително повеќе од нивните енергетски потреби.

Затоа, посочува ЕЕБ, европската „супермрежа“ е неопходна за поврзување на ресурсите, балансирање на дистрибуцијата на енергија и постигнување декарбонизација низ ЕУ преку соработка и намалување на отпадот.

Козимо Тансини од ЕЕБ рече дека обновливите извори на енергија може да се развиваат без последици за снабдувањето со храна или природните живеалишта.

„Доказите сугерираат дека Европа има доволно земјиште за одржливо проширување на обновливите извори на енергија, исклучувајќи ги зоните богати со биодиверзитет и продуктивните земјоделски површини, особено во руралните региони“, рече Тансини.

ЕЕБ повика на континуирана поддршка од креаторите на политиките, инвестиции во инфраструктурата и активно ангажирање со локалните заедници за да се создаде одржлива и праведна енергетска иднина.