
Сведоци сме на систематско соперништво меѓу САД и Кина, две големи сили, исто така дигитални сили, кои се натпреваруваат за технолошка супериорност. Европа не смее да им ја препушти таа област, истакна францускиот претседател.
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави во вторник францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големите претприемачи или на големите решенија што ги предлагаат САД и Кина. Ние сакаме да развиваме сопствени решенија, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
На краток рок, постои цена за тоа што не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора да „донесат многу храбри одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да им се овозможи на технолошките „шампиони“ во Европа да се развиваат, рече францускиот претседател.
Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани и од неевропски решенија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати слична порака пред говорот на Макрон, повикувајќи ја ЕУ да ја поедностави регулативата и бизнисите да инвестираат во дигитален суверенитет.
Сведоци сме на систематско соперништво меѓу САД и Кина, две големи сили, исто така дигитални сили, кои се натпреваруваат за технолошка супериорност. Европа не смее да им ја препушти таа област, нагласи тој.
Макрон ги повика 27-те земји-членки на ЕУ да „се ослободат од технолошките зависности на сите нивоа од вредносниот синџир – на ниво на критични инфраструктури на податоци, облак и софтвер“.
Не можете да ја намалите силата на вашата економија на Величествените Седум, ниту да го делегирате целото функционирање на вашата демократија на Величествените Седум, рече тој. Ова е неприфатливо, нагласи тој, осврнувајќи се на седумте американски технолошки гиганти – Алфабет, Амазон, Епл, Мета, Мајкрософт, Нвидија и Тесла.
Европа, која во последниве години даде приоритет на регулацијата на своите домашни актери, мора да „се промени“ и „да иновира пред да регулира“, заклучи Макрон.











