Европа нема да го запре увозот на евтини кинески електрични автомобили

221

Трошоците за производство на електрично возило во Кина се за 10.000 евра пониски отколку во Европа, предупреди Патрик Колер, шеф на францускиот снабдувач на автоделови Forvia, оценувајќи дека Европа нема да може да го запре увозот на евтини кинески автомобили.

Европа е релативно отворена за увоз на возила од Кина, а европските регулатори ги сметаат за многу безбедни, наведува Ројтерс.

Европските потрошувачи сакаат евтино електрично возило, а Кина произведува добри возила, истакна првиот човек на француската компанија и додаде дека овој проблем е поопасен за Европа отколку за САД, кои го ограничија уделот на кинеските производители на домашниот пазар со високи тарифи.

Во Европа просечната цена на електричните автомобили се зголемила од речиси 49.000 евра во 2015 година на речиси 56.000 евра, а во САД од 53.000 на 65.000 евра, покажа истражувањето на JATO Dynamics.

Во Кина во истиот период просечната цена паднала од речиси 67.000 на 32.000 евра, а електричните автомобили сега се поевтини од автомобилите на бензин, покажуваат податоците на консултантската компанија.

Кинеските компании произведуваат поевтини електрични возила благодарение на пониските трошоци за работна сила, истражување и развој и помалите капитални расходи во споредба со европската конкуренција.

Според француската консултантска компанија Inovev, Кина во моментов има околу 5,8 отсто од европскиот пазар на електрични возила, кој силно ќе расте во наредните години бидејќи кинеските марки произведуваат сè поевтини модели.

Forvia е француски мултинационален производител на автомобилски делови, создаден со спојување на француската компанија Faurecia и германската Hella. Меѓу неговите клиенти се бројни кинески производители на автомобили, вклучувајќи го BYD, но и Volkswagen, Daimler, Toyota и Tesla.