Европа нема доволно суровини за производство на водород како гориво

Европа мора итно да го реши проблемот со недостигот на суровини за производство на водород доколку сака да биде прифатлива алтернатива на фосилните горива, предупредува експерт од германскиот Институт за соларна енергија и водород.

Хемиските елементи како што се иридиум и скандиум моментално се достапни само во ограничени количини и главно се увезуваат од земји како Русија и Кина.

Кога има недостиг, цените на суровините имаат тенденција да растат, рече Мајке Шмит, раководител на системи за анализа во Истражувачкиот центар за соларна енергија и водород Баден-Виртемберг.

Ова значи повисока цена за електролизаторите што се користат за производство на водород.

Повисоките капитални трошоци, пак, го прават водородот поскап, рече Шмит.

Во моментов не може да се предвиди колку ќе пораснат цените, нагласи таа, предупредувајќи дека индустријата ќе мора да ја намали потрошувачката на клучните суровини за да спречи зголемување на цените.

Истовремено, треба повеќе да рециклираме и да се потпреме на циркуларната економија за да ги искористиме сите можности за набавка на суровини, препорача Шмит.