Европа сè повеќе е ранлива на прекини во снабдувањето со гас

Европскиот енергетски пазар станува сè поранлив на какво било нарушување во снабдувањето со природен гас, а Грција е загрижена поради нејзината зависност од рускиот гас и зголемената улога на Турција во снабдувањето на Европа, пишува грчкиот провладин весник „Катимерини“.

Улогата на Турција како земја за транзит на гас особено се зголеми откако Украина неодамна го прекина транзитот на руски гас преку нејзината територија, пишува весникот, додавајќи дека „не случајно Бугарија затоа се обратила кон турскиот снабдувач Ботас за да го замени гасот што вообичаено го добива од Азербејџан“.

Европскиот пазар неодамна е фокусиран на обновување на испораките на азербејџански гас, кој во Европа стигнува преку Турција, пишува грчкиот весник, пренесува Бета.

Сепак, испораките на азербејџански гас беа прекинати на почетокот на јануари поради дефект на опремата на најголемото гасно поле во Азербејџан, Шах Дениз, во Каспиското Море.

Британската компанија Бритиш петролеум, која управува со платформата на наоѓалиштето Шах Дениз, објави дека се забрзува работата за да се поправи дефектот и дека гасот повторно ќе почне да тече на 15 јануари.

Гасот од тоа поле пристигнува преку Турција до Грција, а потоа се транспортира понатаму во Италија и другите европски земји преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП).

Во исто време, гасот од ТАП пристигнува во Бугарија преку интерконекторот Грција-Бугарија (ИГБ), а преку него до Србија.

Извори од ДЕСФА, грчкиот оператор за транспорт на гас, за „Катимерини“ велат дека нема проблеми на грчкиот пазар бидејќи побарувачката е покриена со течен природен гас од терминалот „Ревитус ЛНГ“ и новиот пловечки терминал во Александрополис.

Грција, според Катимерини, сè уште е загрижена бидејќи е многу зависна од рускиот гас, кој во 2024 година учествуваше со 57 отсто од нејзиниот вкупен увоз. Уште поголема загриженост во Атина е поради зависноста од Турција.

Евентуалниот прекин на работата на гасоводот Турски тек би имал директни последици не само врз цените, туку и врз понудата на грчкиот пазар.

Речиси целосниот прекин на снабдувањето со руски гас од Западна Европа се случи во 2022 година, кога повеќето членки на ЕУ го отфрлија барањето на рускиот Газпром да го плати гасот во рубли.

До 2024 година, уделот на рускиот гас во европската потрошувачка падна на само осум отсто, бидејќи најголемите увозници, како што е Германија, успеаја да најдат нови пазари, потсетува американскиот надворешнополитички магазин „Форин полиси“ (ФП) на почетокот на годината.

Рускиот гас, сепак, продолжи да тече до ЕУ преку Украина, а најголеми корисници беа Словачка, Унгарија, Австрија, Грција и Италија.

Азербејџан порано ја снабдуваше Бугарија со три милијарди кубни метри годишно, но испораките беа прекинати на 7-ми јануари. Србија дневно преку Бугарија добивала 1,7 милиони кубни метри гас од Азербејџан.

Според официјалните податоци објавени од азербејџанската новинска агенција APA.az на 15 јануари, Азербејџан произведе нешто повеќе од 50 милијарди кубни метри гас во 2024 година. Од нив се извезени 25,2 милијарди кубни метри.