Европа забрани користење на инсектициди што ги убиваат пчелите

53

pcelaЕвропската комисија одлучи да забрани користење на инсектициди што убиваат пчели. Забраната, како што пишува Гардијан, ќе се однесува на целиот европски континент.

Европската комисија одлучи да ја поддржи забраната на три видови неоникотиноиди, инсектицид што се користи на сорти како пченка, сончоглед или маслодајна репка, а се сметаат за најштетни за инсекти како пчелите.

Оваа забрана е голема победа за милионите еко-активисти кои започнаа кампања против штетните инсектициди, а кои ги поддржа Европската агенција за безбедност на храната. На поразената страна се хемиските компании, кои секоја година на инсектицидите заработуваат милијарди евра.

“Забраната што уследи по кампањата поддржана од 2,6 милиони луѓе, им дава шанса за преживување на европските пчели. Европа ја сфати науката сериозно и сега мора да воведе мерки со кои на пчелите ќе им даде простор да дишат”, изјави Иан Кит од организацијата што ја предводеше кампањата.

Изумирањето на пчелите и другите инсекти претставува огромен проблем, со оглед на фактот дека инсектите се заслужни за опрашување на дури три четвртини од сите насади. Во последните неколку години инсектите забрзано умираат, а како главна причина за тоа се наведуваат болести, исчезнување на нивните природни живеалишта и изложеноста на штетни инсектициди.