Европска земја порача: Не купувајте кинески телефони, фрлете ги оние што ги имате

185

Министерството за одбрана на Литванија препорача потрошувачите да избегнуваат да купуваат кинески мобилни телефони и ги советуваше луѓето да ги фрлат оние што сега ги имаат, откако владиниот извештај покажа дека уредите имаат вградени способности за цензура.

Tелефоните продадени во Европа од кинескиот гигант за паметни телефони Xiaomi Corp имаат вградена способност да детектираат и цензурираат термини како што се Слободен Тибет, Да живее независноста на Тајван или Движење за демократија, соопшти литванското државно тело за сајбер безбедност.

Можноста на телефонскиот софтвер Mi 10T 5G на Xiaomi е исклучена за “регионот на Европската унија“, но може да се вклучи од далечина во секое време, се вели во извештајот на Националниот центар за сајбер безбедност на Министерството за одбрана.

“Наша препорака е да не купувате нови кинески телефони и да се ослободите од оние што се веќе купени што е можно поскоро“, рече заменик министерот за одбрана Маргирис Абукевициус на новинарите за време на презентацијата на извештајот.

Xiaomi не одговори на барањето на Ројтерс за коментар. Односите меѓу Литванија и Кина неодамна се влошија. Кина минатиот месец побара од Литванија да го повлече својот амбасадор во Пекинг и рече дека ќе го отповика својот пратеник во Вилнус откако Тајван објави дека неговата мисија во Литванија ќе се вика Тајванско претставништво.