Европската економија е во загуба од 113 милијарди евра поради жештината

Европската економија би можела да претрпи загуба од 113 милијарди евра оваа година поради екстремната летна топлина што влијаеше на продуктивноста и целокупната економска активност, според проценките на германскиот осигурител „Алијанц“ во четврток.

Најголема загуба треба да забележи Италија, со проценето намалување на бруто домашниот производ (БДП) од 28 милијарди евра, пресмета „Алијанц“.

На второ место е Германија, со проценета загуба од 25 милијарди евра, а на трето место е Франција со „изгубени“ 20 милијарди евра БДП.

Загубите вклучуваат намалено производство и пад на економската активност поради пониска продуктивност на трудот, подолги паузи и отсуство од работа за време на периоди на екстремна топлина.

Се очекува влијанието низ цела Европа да биде малку помало од 0,5 проценти од проектираниот БДП оваа година.

Проценките се дел од новата алатка на „Алијанц“ за следење на климатските ризици, која ги комбинира податоците за времето и штетите со моделирање на очекуваните економски последици.

„Алијанц“ исто така предупреди на понатамошни ризици за економијата во наредната година, поврзани со природниот климатски феномен Ел Нињо.

Доколку Ел Нињо донесе екстремно високи температури и во 2027 година, економската активност во 144-те земји вклучени во истражувањето би можела да се намали за 392 милијарди евра, според пресметките на експертите во „Алијанц“.

Најголеми загуби треба да ги забележи Кина, втората најголема економија во светот.

Одделно, „Алијанц“ процени за најголемата европска економија, онаа на Германија, дека штетите од бури, поплави и други природни катастрофи во последните пет години достигнале приближно 50 милијарди евра.

Во Германија, годишните загуби од природни катастрофи, како што наведуваат, биле во просек двојно поголеми отколку во периодот од 2000 до 2019 година. Во светот како целина, тие се зголемиле за 54 проценти.

„Во Германија, штетите поврзани со климата се особено изразени“, рече Франк Зомерфелд, раководител на германските операции на „Алијанц“ во сегментот на осигурување на имот.