Европската комисија ги зголеми платите на вработените

31

Вработените во Европската комисија во Белгија и Луксембург, вклучително и комесари, добија автоматско зголемување на платите од 2,4 отсто во јуни, спротивно на советите на ЕК до владите и претставниците на менаџерските групи. Зголемувањето на платите ретроактивно се применува на сите плати од јануари, потврди ЕК.

Вкупниот пораст на трошоците за работата на ЕК за 2022 година изнесува 95 милиони евра, пренесува Политико. Повисоките плати значат и зголемување на придонесите, посочи ЕК, нагласувајќи дека во буџетот на ЕУ ќе бидат уплатени 78 милиони евра. Тоа е „автоматска пресметка без политичка дискреција“, објави ЕК.

Прилагодувањето на платите на европските функционери е спротивно на советите на ЕК за одредување плати. Европската комисија официјално се спротивставува на таканареченото автоматско индексирање на платите според инфлацијата, бидејќи, како што предупредува ЕК, започнува спирали на цени и плати, со што инфлацијата се зголемува уште повеќе.